Директорите во јавните здраввствени установи во државата да немаат исклучително дискреционо право при вработување на нов кадар, туку да го вработат кандидатот кој е најдобар на ранг-листата, а не оној кого тие го сакаат, е иницијатива на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ која предлага измени во Законот за здравствена заштита и воведување меритократија во процесот на вработување на лекари.
На денешниот брифинг со новинарите Никола Димитров, претседателот на „Солуција“ и правникот Гоце Коцевски од Здружение на млади правници кажаа дека само во здравството, за разлика од другите области во јавниот сектор како културата, образованието и социјалната заштита директорот има дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот.
Македонското здружение на млади правници ја поддржува иницијативата на организацијата „Солуција“ за законско уредување и гарантирање фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавните здравствени установи. Како организација, ние предложивме решенија со што ќе се адресира клучниот проблем што постои сега, а тоа е неограниченото дискреционо овластување на директорите на јавните здравствени установи да изберат кандидат за вработување, независно од ранг листата што е изработена од страна на комисијата, појасни Коцевски.
Тој посочи дека тоа што се предлага, не е нешто што е невообичаено за нашиот јавен сектор.
Веќе постои во другите како што е образованието, социјалната заштита, културата, а тоа е директорот да биде врзан со ранг листата што ќе биде изготвена од страна на комисија што ќе биде конституирана со објективни критериуми, што ќе спроведе еден објективен процес на проверка на кандидатот и притоа, директорот единствено да може да го потврди изборот на кандидатот. Со можност за одреден исклучок, ако постојат некои основани причини, да даде образложение, зошто не го поддржува кандидатот, кој е избран од страна на самата комисија, додаде Коцевски.
На брифингот беше кажано дека имало консултации со лица вработени во здравството, кои се согласиле дека во државава потребна е фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавните здравствени установи.