
Министерот за здравство, Азир Алиу и заменик министерот, Јовица Андовски, учествуваа на работна средба по повод одбележување европски викенд на органодонорство, во организација на националниот координатор за трансплантација, проф.д-р Билјана Кузмановска и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, д-р Костовски, на урологија д-р Шабани и на нефрологија д-р Ѓорѓиевски.
На денешната средба по повод одбележување на Европскиот ден на органодонорство – ден посветен на хуманоста, солидарноста и надежта, проф. д-р Кузмановска упати искрена благодарност до сите дарители и нивните семејства, кои дури и во моменти на најголема болка, донеле храбра одлука да подарат живот.
Органодонорството претставува еден од највисоките изрази на човечка добрина — чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса, истакна проф. д-р Кузмановска.
Алиу изјави дека министерството за здравство е континуирано посветено на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација.
Изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог беа упатени на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани во Турција за трансплантација од жив донор. Само од почетокот на годинава досега, тимовите за трансплантација кои работат исклучително посветено и пожртвувано, извршија трансплантација на бубрези кај шест пациенти од починат донор, две трансплантации на црн дроб од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти, истакна министерот Алиу.
Одбележувањето на европскиот викенд на органодонорство е на иницијативна на Европската комисија со цел подигнување на јавната свесност за важноста на овој чин кој спасува човечки животи.
Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно е надеж за пациентите – светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот. Нашата тенденција е што е можно почесто да зборуваме за органодонорството како исклучително значајна медицинска и општествена тема, рече министерот Алиу.
Директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски информираше дека клиниката има направено голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се едни од најсложените трансплантации и претставуваат голем предизвик за медицинските тимови.
Д-р Башким Шабани, директор на Клиниката за урологија се осврна на унапредување на новиот Центар за трансплантација, кој е целосно реновиран, како и на континуираното зголемување на бројот на тимовите кои ја вршат трансплантацијата.
Исто така, директорот на Клиниката за нефрологија, д-р Никола Ѓорѓиевски укажа на важноста на органодонорството, посебно за лицата со бубрежна болест, што претставува најдобар метод за нивно лекување.