Skip to main content

„Gmail“ ги чита вашите приватни мејлови за тренирање AI-модели – освен ако рачно не го исклучите тоа

Фото: Freepik

„Google“ тивко активираше нови опции што му дозволуваат на „Gmail“ да пристапува до приватните пораки со цел да ги тренира своите AI-модели. Многу корисници дури и не забележале дека автоматски биле вклучени во оваа практика, а единствен начин да се спречи е рачно исклучување на новите поставки.

Според најновите извештаи, „Gmail“ воведува опции кои, според стандардните (default) поставки, им дозволуваат на AI-системите на „Google“ да го читаат содржинскиот дел од приватните мејлови и прилозите, со цел развој на функции како паметни текстуални предлози и автоматски одговори. Иако компанијата тврди дека податоците поминуваат низ процеси на анонимизација, фактот што овие опции се активираат без експлицитна согласност предизвикува сериозна загриженост кај корисниците.

Од „Google“ објаснуваат дека овие податоци се неопходни за „Gemini AI“ да може побрзо да генерира одговори, да дава предлози и да ја организира електронската пошта. Но голем број корисници истакнуваат дека проблемот не е во функциите – туку во начинот на кој се воведени, бидејќи новите поставки може да бидат веќе активирани пред корисниците воопшто да дознаат дека постојат.

Оние што работат со чувствителни информации особено нагласуваат дека ни анонимизацијата не им влева доверба. Иако системот може да го подобри корисничкото искуство во „Gmail“, ваквиот пристап подразбира обработка на кориснички податоци без јасно и транспарентно известување.

Како да го исклучите читањето мејлови за AI-тренирање?
За да се деактивира оваа функција, мора да се исклучат две различни поставки во „Gmail“.

1. Прво, потребно е да се исклучат т.н. Smart features во делот што ги опфаќа „Gmail“, „Chat“ и „Meet“.

2. Потоа, во посебна секција мора да се исклучи опцијата што влијае на „Google Workspace smart features“.

Ако се деактивира само една од овие опции, обработката на податоци може да остане активна.

Поставките не се исти кај сите корисници, затоа што „Google“ постепено ги воведува промените. Како резултат, некои корисници сè уште ги немаат новите опции видливо прикажани, додека други дури сега дознаваат дека им се веќе вклучени.

Зошто постојат две одвоени опции?

„Google“ ги разделува функциите што го подобруваат работењето внатре во „Gmail“ од оние што дозволуваат податоците да влијаат на искуството во други апликации на „Google“.

Ова значи дека корисникот мора да ги провери двете групи поставки доколку сака целосно да ги исклучи AI-моделите кои се тренираат – во спротивно, „Gmail“ може да продолжи да чита податоци во позадина.

Извор: Курир

Поврзани вести