Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Автомотосојузот на Македонија во пладневниот извештај информира дека е активна забраната за тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка.
Известува и дека поради снежни наноси не е прооден патниот правец од Крива Паланка кон ГП Голема Црцорија – Голеш, на околу 600 метри пред граничниот премин, „поточно од селските гробишта во с. Голема Црцорија“.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
-Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, апелира АМСМ.