Skip to main content

Влажни коловози и магла: видливоста на патот Тетово – Попова Шапка намалена на 30 до 40 метри

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа по влажни коловози, информираат надлежните служби. Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, а екипите на ЈП „Македонија пат“ се целосно екипирани и во континуитет се на терен, каде што се врши расчистување на снегот и одржување на патните правци.

Во координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт, се спроведуваат усогласени активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот и во наредниот период. Надлежните апелираат до возачите на внимателно и совесно управување со возилата, задолжителна употреба на зимска опрема, почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината на условите на патот.

Посебно внимание се препорачува поради намалена видливост на повеќе патни правци. Најкритична е состојбата на патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде поради магла видливоста е намалена на само 30 до 40 метри. Намалена видливост од 50 до 100 метри има на правецот Делчево – Пехчево, од 100 до 150 метри на патот Куманово – Крива Паланка, како и на планинските превои Ѓавато и Пресека, додека на превојот Плетвар таа изнесува до 50 метри.

Од надлежните институции препорачуваат возачите редовно да се информираат за состојбата на патиштата преку официјалните информативни центри, со цел навремено и безбедно планирање на патувањата.

Поврзани вести