
Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.
Курбан Бајрам трае три дена, а прославата почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр Бајрам, и го обележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.
Поглаварот на Исламската верска зедница Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи упати порака по повод празникот Курбан Бајрам. Фетаи во пораката вели дека Курбан Бајрам е голем и благословен празник кој ги содржи божествените настани, кои се извор на инспирација за подигнување на свеста на верникот за љубовта и посветеноста кон Семоќниот Алах.
Поглаварот на ИВЗ во пораката нагласува дека големината на овој празник се состои во фактот дека во овие денови се комплетирало објавувањето на славниот Куран, се извршува аџилакот – петтиот исламски столб, и верниците го исполнуваат својот обврзувачки чин на принесување курбан заради Семоќниот Алах.