
Национален парк Шар Планина преку Фејсбук бара од граѓаните да помогнат со донирање на јаболки и пченка со цел да се изврши прихрана на мечките поради намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
Во последните две недели, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“. Овој феномен е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки.
БАРАМЕ ДОБРОВОЛНИ ДОНАЦИИ НА ЈАБОЛКА И ПЧЕНКА ОД ДОМАШНО ПОТЕКЛО, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана.
Дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
Преку оваа акција:
Ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места.
Ќе се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана.
Ќе се овозможи мониторинг на нивната бројност, здравје и старосна структура.
ВАЖНО: Прифатливи се само јаболки и пченка од домашно производство, без хемиски третмани.
Доколку сакате да донирате или да помогнете со логистика, ве молиме оставете ги донациите во просториите на Јавната Установа Национален парк Шар Планина, почетна станица за гондола во Тетово, секој работен ден од 8-16:00 часот или контактирајте не на телефонскиот број 072 239 122.
Заедно можеме да создадеме подобра рамнотежа меѓу човекот и дивината“, велат од таму.