
Денеска е Воскресение Христово – Трет ден.
Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението.
Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време. Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања.
Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно.
И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар, економист, кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта.
Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш се¬која година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.
Според старото народно верување вторниците важат за баксузни денови. Но, не и овој! Во народот Светлиот (или Воден) вторник се смета за најдобар вторник во целата календарска година. Старите велат дека овој ден, како и Велигден, на сите им донесува радост и веселба. Исто така, ако на овој ден се роди дете, ќе биде среќно и долговечно.
Поради тоа, по некаде во селата, токму на Трет ден Велигден се одржуваат свадби, бидејќи времето на Христијанската пасха се смета за посебна благодет, па токму таа благодет сака да се пренесе и на новите сопружници и нивното новоосновано семејство.
Старите велат дека е добро да се оди во посета или на пат. Ако планирате токму денес да тргнете, обичајот налага да помислите и желба. Таа ќе се оствари, а на патувањето ќе ве следи среќа.
Поради сето тоа, единствената работа која православните верници на Третиот ден Велигден треба да ја испочитуваат е да се веселат и радуваат и таа радост да ја споделат со своите најдраги и најблиски. Поради тоа, знаете што треба да правите, бидејќи според народното верување на секој кој „се оглуши“ од Бога нема да му оди најдобро во животот.