Skip to main content

Французинките не поминуваат со часови во чистење, но домот секогаш им блеска: Го применуваат правилото „17 минути“

Freepik

Французинките одамна се симбол на ненаметливата елеганција – не само кога станува збор за модата, туку и кога зборуваме за уредувањето на домот. Нивните станови ретко се стерилно чисти, но речиси секогаш изгледаат складно, стилски и пријатно. Тајната не е во повеќечасовното чистење, туку во паметните навики и едно едноставно правило што многу од нив секојдневно го применуваат – правило од 17 минути.

Чистота без да им робуваат на крпата и правосмукалката

За разлика од навиката еднаш неделно да се прави исцрпувачка генералка, Французинките веруваат во континуитет. Нивната филозофија е едноставна: домот треба да биде пријатен за живот, а не беспрекорен како од излог. Затоа, чистењето не се доживува како казна, туку како кратка секојдневна рутина.

Правилото од 17 минути подразбира секој ден да се издвојува точно толку време за средување на просторот. Не повеќе. Без развлекување, без „уште само ова“, без исцрпување. Таа мала временска рамка дава фокус и дисциплина – се знае што се прави и кога се престанува.

Како изгледа правилото од 17 минути во пракса

Французинките во тие 17 минути го прават само тоа што е највидливо и најважно…

брзо местење на креветот и редење на перниците
отстранување на работите што останале на столовите и фотелјите
бришење на кујнските работни површини и мијалникот
кратко проветрување на сите простории
лесно преминување со крпа преку највидливите површини

Нема длабинско чистење, поместување на мебелот или миење на прозорците. Идејата е домот да изгледа уредно на прв поглед, бидејќи токму тој впечаток создава чувство на ред и елеганција.

Елеганцијата е во деталите, не во совршенството

Француските домови често имаат „траги на живот“ – книга оставена на маса, цвет во вазна, ќебе ноншалантно префрлено преку софата. Токму тоа дава топлина и шарм. Наместо купишта украси, одбираат неколку внимателно одбрани детали: ламба со топла светлина, огледало, една поголема билка или уметничка фотографија.

Редот се одржува така што секој предмет си има свое место. Кога знаете каде што припаѓа, средувањето станува брзо и речиси автоматско.

Зошто ова правило навистина функционира?

Овој систем има и психолошки ефект. Краткото времетраење ќе ве мотивира полесно да започнете, бидејќи не изгледа напорно. Кога знаете дека чистењето трае помалку од половина час, помала е веројатноста дека ќе го одлагате. Исто така, секојдневниот мал труд го спречува хаосот, па генералното чистење станува реткост.

Французинките веруваат дека домот треба да им служи ним, а не тие на домот. Затоа, не дозволуваат чистењето да им ги „изеде“ слободното време, енергијата и расположението.

Лекција што лесно можеме да ја примениме

Наместо да го поминете викендот со ракавици и средства за чистење, обидете се да го применувате правилото од 17 минути секој ден. Пуштете музика, фокусирајте се на највидливите делови и застанете кога ќе истече времето. Ќе видите дека домот ќе ви изгледа поуредно, а вие ќе имате повеќе време за себе.

Поврзани вести