
Дали некогаш „ви паднало во очи“ дека, додека шетате низ Скопје, повеќето луѓе се слично облечени, дека речиси сите личат еден на друг? Колку често среќавате некој „автентичен“ по кого дури и ќе се завртите зашто е интересен, зашто „се дрзнал“ да искомбинира „невообичаени“ бои и парчиња кои не би ви ни текнало да ги купите, а не па да ги носите? Дали за некој сосема случаен минувач некојпат сте помислиле – „сигурно не е од тука“ или ви оставил впечаток како да е „скроз ретро“, од некое сосема друго време? Можеби ве потсетил на „подвижно уметничко дело“? Како го изградил својот стил, што зборува тоа за него, дали го одразува неговиот вистински идентитет?
Ова отвора и низа други прашања – колку сме свесни за рационалното користење на ресурсите, за заштитата на природата, за реупотребата, редизајнирањето, репарацијатата, одржливоста, за т.н. zero waste (нула отпад) што, меѓудругото, подразбира и создавање помалку ѓубре (минимизирање на отпадот)?

Дали слепо ги следиме трендовите и зошто? Зошто се уште немаме „винтиџ“ продавници, а „second hand“ дуќаните некако срамежливо се појавуваат, траат извесно време и потоа се затвораат? Им робуваме ли на предрасудите и стереотипите?
Многу често забележувам дека поголемиот дел од луѓето се слично облечени, не само тука кај нас, туку и кога шетам надвор од државата. Кога би се запрашала зашто е тоа така, можам да претпоставам
неколку можни одговори. Првиот што ми паѓа на ум е дека понудата во поголемиот број бутици многу наликува една на друга. Ретко може да се најде некој дуќан што нуди оригинални производи, посебно големите корпорации кои нудат т.н. брза мода. Вториот одговор би бил – слепото следење трендови. Голем број од популацијата едноставно не сака да се „замара“ и сака да прави тоа што и е „наложено“. Можеби луѓето се едноставно мрзливи да изградат сопствен стил, па затоа следат трендови, бидејќи градењето сопствен стил одзема време, енергија, а и бара храброст да бидеш тоа што навистина сакаш, вели Ѓурѓица Анастасовска, влогер и програмер, љубител на одржлива мода и „специфичен лик“ од скопските улици.

Таа се навраќа на 80-тите години.
Ако се навратам наназад во времето кога бев средно, се сеќавам дека сите горе-долу бевме слично облечени. Секој имаше „монтка“, „најк“ патики, „бенетон“ дуксер и фармерки „левис – 501“. Ретко кој имаше свој стил. Сите сакаа да наликуваат едни на други, секој мораше да ги има овие работи кои ги набројав. Сите сакаа да се вклопат во друштвото, посебно во друштвото на популарните деца. Ако се разликуваш од останатите не ретко ќе бидеш и цел на исмејување или малтретиранње. Сигурно тоа е последица од школските денови. Проблемот е колку од возрасните го имаат надминато тоа. Тие што го имаат надминато, обично се луѓе кои имаат изградено сопствен стил, независен од трендовите, истакнува Анастасовска.
Според неа, градењето сопствен стил е долг процес и трае цел живот.

Мислам дека стилот постојано го надоградуваме, па и го менуваме (некогаш). Во Македонија, но да си и на кое било друго место, можеш да изградиш сопствен стил и да се разликуваш од останатите. Некаде ја имам слушнато изреката: „Ако не знаеш да се облечеш евтино, не знаеш да се облечеш воопшто“. И тоа е сосема точно. Да, квалитетните парчиња се скапи, посебно од квалитетни материјали како свила, волна, кашмир, иако може да се најдат за многу поволни цени од „втора рака“, но ако немаш пристап до таков тип продавници и ако си на ограничен буџет, со стилизирање на парчињата можеш да си изградиш сопствен стил и да изгледаш поразлично. Првично треба да се размисли што да се купи, не само да се купи нешто зашто е на попуст или, пак, евтино. Се сеќавам, јас како помала, кога имав ограничен буџет, пред да одлучам да купам нешто, поминував долго време разгледувајќи што се нуди и долго време размислувајќи како и со што ќе го искомбинирам новото парче облека. Важно ми било да можам да го искомбинирам со повеќе парчиња и за повеќе прилики. Исто така, многу е важно да пробуваш различни комбинации од својот плакар, со облеката што веќе ја имаш. Модата би требало да биде забавна, игрива, нагласува влогерката.
Нејзин став е дека се уште не сме доволно свесни за тоа што значи еколошка мода, за рационалното користење на ресурсите, за заштитата на природата, реупотребата, редизајнирањето, репарацијатата, одржливоста и особено за т.н. нула отпад.

Очигледно не сме доволно свесни. Но, секој може да почне од нешто. Јас во минатото бев многу голем конзумер, ако зборуваме конкретно за текстил-индустријата и „брзата мода“. Секое слободно време го поминував во моловите, по продавниците, купувајќи по некое парче облека буквално секој пат. Тоа траеше со години, до пред некое време кога почнав да станувам свесна за влијанието што го има текстилната индустрија како еден од најголемите загадувачи на планетата, посебно големите корпорации кои произведуваат нови колекции на неколку недели. Исто така, голем проблем е
квалитетот на материјалите кои се користат во мас-индустријата. Голем дел од нив се синтетички, се носат неколку пати или во некои случаи ниту еднаш, пред да завршат во буниште. Препродавањето на таа гардероба тешко оди, а знаеме колку години е потребно и да се разгради. Затоа, сметам дека секој од нас треба многу да размисли што купува и каде купува. Ти самиот одлучуваш каде ќе ги потрошиш своите пари. Најдобриот начин да придонесеш е да пазариш во својот плакар, но ако сепак сакаш да пазариш, тогаш пазари во продавници од „втора рака“, подвлекува Анастасовска.
На прашањето зошто се уште немаме „винтиџ“ продавници, а „second hand“ дуќаните некако срамежливо се појавуваат, траат извесно време и потоа се затвораат, се уште нема соодветен одговор. Ситуацијата, сепак, како што оценува, е надежна, полека во земјава се гради таквиот вид култура.

Ова прашање и јас си го поставувам постојано и некако не можам да најдам соодветен одговор. Пред десетина години имавме многу убава винтиџ продавница и не издржа многу, се затвори.
Мислев дека не било времето тогаш, премногу рано за кај нас, нели кај нас „трендовите“ доцнат. Но, минатата година се затвори уште една таква продавница по само година дена работа. Низ целиот свет купувањето од „втора рака“ зема многу голем замав и вакви продавници се отвараат на секој чекор, додека кај нас некако не успеваат. Сепак, има луѓе кои активно се трудат да го протуркаат овој начин на размислување и живот. Гледаме некој напредок, на базарите што се организираат се појавуваат се повеќе посетители и тоа е многу позитивно и влева надеж. Мислам дека колку повеќе луѓе станат свесни за текстилната индустрија како голем загадувач, она што веќе го спомнав, толку повеќе вакви продавници ќе се отвораат. Исто така, мислам дека носењето стара облека кај нас се поврзува со сиромаштија и тоа е, исто така, голем фактор зошто вакви дуќани не успеваат, нагласува Анастасовска.
Таа во својот плакар има „ноу нејм“ облека, но и парчиња од светски дизајнери.

Во мојот плакар се наоѓаат различни парчиња облека. Имаше еден период кога се обидував со сите сили да бидам минималист, но тоа не ми успеа. Мислам дека не треба да се оди против својата природа. Јас сум дефинитивно максималист. Па, во мојата гардероба се наоѓаат секакви парчиња и доста од нив се „statement fashion“. Сакам јаки бои, интересни дизајни. Но, кога купувам гардероба на прво место ми е материјалот од коj тоа парче е направено. Можам да кажам дека моето патување кон одржлива мода почна со спознавањето на материјалите. Омилени материјали ми се волна, свила, лен, кашмир. Очигледно сите овие што ги набројав се прилично скапи, па мораше да барам алтернатива како да не банкротирам, а да си ја збогатам мојата гардероба со вакви парчиња. Продавниците од „втора рака“ се мојот одговор на ова. Пред неколку години бевме во Будимпешта и за среќа таму има ваков тип продавници на секој чекор. Така што, да, моите први парчиња од „втора рака“, после 10-ина години купување „брза мода“, се од таму. Имав среќа да најдам и доста „винтиџ“ парчиња. На пример, имам две сукњи волна-свила мешавина, кои се произведени во Западна Германија. Обично кога патувам, пакувам полупразен куфер, за да можам да си го наполнам на враќање. Еден совет, секогаш проверете ја и машката секција. Јас имам многу парчиња како класични панталони, кошули, елеци, кои ги имам најдено таму. Во секој случај, пазарењето во „винтиџ“ продавници е посебно доживување. Никогаш не знаеш што ќе најдеш. Тоа е како потрага по скриено богатство, вели Анастасовска.
Во едно од скопските кафулиња почна да се организира продажба на „second hand“ облека. Посетителите можат да си одберат капути, кошули, џемпери, фустани, фармерки, каиши, марами, накит и други модни додатоци. На штандовите „штрчи“ и по некој винтиџ предмет – глобус, рачен часовник, па дури и друштвена игра. „Продавачи“ има, но има и купувачи.

И јас бев дел од овој настан. Донесов гардероба што веќе не ми е точна или веќе едноставно не е мој стил. Искуството беше незаменливо. Се запознав со многу интересни луѓе, како продавачи, така и посетители. Дури и неколку мои парчиња си најдоа нови сопственици, што ми е многу драго. Секако дека и во иднина сакам да бидам дел од вакви настани и од оваа заедница, која станува поголема од ден на ден, раскажува Анастасовска.
Во Белгија и Холандија „винтиџ“ и „second-hand“ продавниците се многу популарни, особено во Брисел и Амстердам
Ако шетате низ европските и светските метрополи, ќе се уверите дека нивните жители ја негуваат културата на „винтиџ“ и „second-hand“.
Во Белгија, на пример, „винтиџ“ и „second-hand“ пазарот е прилично развиен. Се смета дека во Брисел има повеќе од 30 „винтиџ“ продавници. Пазарот не е само за облека, туку вклучува и мебел, дизајнерски предмети, антиквитети. Според еден напис, околу половина од Белгијците купиле или продале „second-hand“ предмети во 2023 година. На огромниот пазар во Tongeren (Белгија) се нудат мебел, винтиџ предмети, плакати, декорации. Луѓето во Белгија гледаат во „винтиџ“ и „second-hand“ можност да најдат уникатни парчиња, но и шанса да се однесуваат поеколошки, овозможувајќи повторна употреба на облеката или кој било друг предмет купен на овој начин.
Интересен е феноменот со детската облека. Родителите воопшто немаат предрасуди во однос на „second-hand“ гардеробата. Свесни се дека децата брзо ги надраснуваат палтата, маичките, капутчињата,… и немаат воопшто проблем да им купат облека од „втора рака“.
Слично е и во Холандија каде се забележува пораст на „винтиџ“ и „second-hand“ трендот. Се смета дека за 12 години бројот на продавниците за „second-hand“ облека се зголемил за околу 40 отсто. Околу 20 проценти од испитаниците во 2022 година рекле дека купиле„ second-hand“ облека во последните 12 месеци. И младите (16-40 години) се расположени да купуваат „second-hand“. За нив тоа е начин да се изразат, да носат уникатни елементи и да го земат предвид факторот на одржливост.
Потрошувачка треска
Од пред неколку години, во некои од модните продавници низ Македонија облеката стана исклучително достапна. Со цени од по 59, 69, 79, 89, 99, 199, 299 или 399 денари за парче (сукња, маица, фустан, сако,…) многу често е поевтина и од храната, што ја прави и „лесна за фрлање“. „Еееј, што се 120 денари, едно кафе – ај ќе ја земам маицава“, ваква е отприлика логиката на купувачите кога ќе начекаат нешто што навистина можеби во тој момент не изгледа оптоварувачки за нивниот џеб. Но, потоа маицата најчесто завршува во плакарите, фрлена во некое ќоше или можеби ќе биде облечена максимум два-три пати.

И брендираните бутици што важат за „поскапи“, веќе нудат „вистински“ сезонски попуст. Драстично ги намалуваат цените и ги прават достапни за скоро секој. Ако во тој период посетите некој од нив, ќе забележите расфрлани парчиња облека на сите страни, буквално „грабање“, купување и што треба и што не треба – „ај, ќе се најде, и онака е џабе“.
Одржлива мода – го минимизира отпадот, заштедува ресурси (вода и енергија), помалку загадува и промовира етичка работна пракса
Во светски рамки т.н. еколошка или одржлива мода веќе е „тренд“. Потрошувачите, глобално, стануваат се посвесни за влијанието на модната индустрија врз животната средина и се повеќе бараат одржливи парчиња облека. Се смета дека модната индустрија денес е еден од најголемите загадувачи и дека е „одговорна“ за загадување, создавање отпад и превисока емисија на јаглерод. Еколошката мода е вид одговор на овој феномен – претставува социјално и културно движење, чија цел е да го намали влијанието на модната индустрија врз климатските промени.

Истражувањата покажуваат дека прекумерното производство на облека со користење евтини методи и техники е штетно за животната средина. И прекумерната потрошувачка е голем проблем зашто создава депонии натрупани со текстилен отпад како резултат на културата на фрлање.

Македонски








