
Посниот готвач „Ајде да јадеме“ од нутриционистот Антонио Велковски, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовиран на 13 март (четврток), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промоторка на книгата ќе биде Ана Шутиноска.
Книгата, наменета за сите што сакаат да се хранат здраво или што постат, содржи 82 вкусни и посни рецепти за секој ден. Ова издание со автентични фотографии и рецепти претставува вистински одраз на посветеноста и љубовта на авторот кон кулинарството. Книгата е резултат на долгогодишното искуство на Велковски стекнато преку работата со клиенти и комуникацијата со следбениците на социјалните мрежи.
На страниците на оваа книга ве очекуваат внимателно создадени рецепти за домашно зготвена посна храна – од лесни појадоци и разновидни главни јадења, до ароматични супи, свежи салати и неодоливи десерти. Секој рецепт е совршено балансиран за да ги задоволи вашите вкусови и да придонесе за квалитетен начин на живот. Почнете го ова кулинарско патување и откријте како може секој оброк да стане момент на уживање, инспирација и грижа за себе и за вашите најблиски. Најбитно е што не треба да сте експерт готвач за да ги направите избраните рецепти, бидејќи за многу од нив не е потребно посебно готвење.
Оваа книга е особено корисна во периоди на пост, нудејќи лесни и креативни решенија за планирање на оброците, кои ќе ги направат секојдневните јадења едноставни, вкусни и здрави. Во ова издание ќе најдете посни рецепти кои ќе ви покажат дека готвењето вакви оброци може да понуди голема разновидност на комбинации со одбрани растителни производи и делумно со риба.