Skip to main content

Хутите конструирале ракети со помош на вештачка интелигенција

Јеменските Хути конструирале ракети со помош на вештачка интелигенција, злоупотребувајќи го системот за вештачка интелигенција на американската компанија „Антропик“, објави денеска Билд.

Развојот на ракети е само еден пример за тоа како вештачката интелигенција се користи за опасни цели денес, а „Антропик“ откри во извештај од 150 страници како нивниот систем за вештачка интелигенција, Клод, бил злоупотребен во последните месеци.

Компанијата соопшти дека членови на група во северен Јемен го користеле Клод за работа на три различни програми за оружје.

Меѓу нив имало и наведувана ракета што всушност ја лансирале како дел од тестирање. Обидот, според сè, бил неуспешен.

Потоа, терористите повторно се обратиле на вештачката интелигенција, Клод требало да им помогне да утврдат што тргнало наопаку за време на тестот, пренесува весникот.

Групата исто така работела на повеќестепена балистичка ракета со дострел поголем од 2.000 километри, како и на варијанти на хиперсонично лизгачко летало.

„Антропик“ не ја именуваше групата, но случајот потекнува од северен Јемен, каде што Хутите, поддржани од Иран, контролираат големи територии, пренесува Билд.

Советникот на врховниот лидер на Иран, Мохамад Мохбер, им честиташе на Хутите за нивната голема победа.

Во извештајот исто така се документираат проекти за оружје од Кина, каде што во три случаи, Клод наводно бил користен како замена за софтверски програмери кои работеле на системи за контрола и наведување на платформи за оружје.

Ситуацијата станува уште почувствителна во областа на биолошките истражувања, при што „Антропик“ опишува пет случаи во кои научниците го користеле Клод за работа што потенцијално би можела да придонесе за развој на биолошко оружје.

Сепак, компанијата не можеше да утврди дали зад тоа навистина се криеле лоши намери.

Еден случај се однесувал на вирусите чикунгуња, вклучувајќи можни модификации за зголемување на преносливоста и избегнување на имунолошкиот одговор.

Други случаи вклучувале високо патоген вирус на птичји грип, ортопоксвируси и токсини.

Во извештајот се спомнува и Русија, каде што во два случаи актерите наводно го користеле системот за вештачка интелигенција на „Антропик“ за развој на роеви од автономни дронови камикази.

Вештачката интелигенција на тој начин помогнала во развојот на технологија во која бројни дронови треба да работат заедно и што е можно поавтономно.

Поврзани вести