Skip to main content

Промоција на творештвото на поетот Ендрју Риџвеј во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид

Утре, петок, 4 септември во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи промоција на творештвото на поетот Ендрју Риџвеј од Лондон, Велика Британија, инаку македонски зет.

Риџвеј зад себе има веќе седум поетски збирки и во дел од нив има песни сврзани со Охрид и Македонија, инспирирани од честите посети и контактите со луѓето и природата.

Неговата поврзаност со пишувањето започнала пред четири децении, кога бил дете. Тогаш пишувал кратки приказни и стрипови. Кога имал дваесет години со љубов и страст пишувал кратки приказни, драми и сценарија за ТВ емисии…

Но, преку нив не успеал во целост да се профилира во таа област. Случајно станал медицинско лице и цели 26 години е во таа професија. Неговиот влез во поетските води е во 2022 година.  Во првата книга со поезија  ги опишува  личните искуства од работата во одделот за интензивна нега за време на „ковид – пандемијата“, и општо за животот во времето на карантините. „Пишувањето на оваа книга ми помогна да излекувам некои од емотивните рани со кои се здобив тогаш“, вели тој.  

Во останатите шест книги поетот Риџвеј  зборува  за љубовта и односите, за радостите и битките што се случуваат во врските што ги имаме со други луѓе. Го опишува современиот свет како што го гледа, полн со разочарување, и се прашува дали и други го гледаат така.

Заедно со сопругата Маја Трајковска, Риџвеј е коавтор на подкастот наречен „Зад римите“, кој има четири сезони, а го имаат  и YouTube каналот наречен 2Randos, на кој, меѓу другото, визуелно се претставени некои од неговите дела.

Промотор на неговото творештво ќе биде „неговата животна сопатничка и новинар Маја Трајковска“ а свои обраќања ќе имаат и директорката на Библиотеката, Христина Трпеска и вишиот библиотекар Милчо Јованоски.

Во пресрет на промоцијата вчера во Библиотеката се одржа преведувачка работилница со околу 30  ученици од  ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид. Тие преведуваа од англиски на македонски песни од Ендрју Риџвеј кои ќе ги читаат на промоцијата и во оригинал и во превод. Работилницата ја водеа професорките по англиски јазик Ана Коваческа и Даниела Спироска. Настанот ќе се одржи во „Прличевата одаја“ од 11 часот и отворен е за сите.

Поврзани вести