Skip to main content

Промоција на каталог со Брајово писмо „Документи што зборуваат на допир“ во Музејот на македонската борба

Државниот архив на Македонија, во соработка со Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје, денеска ќе го промовира каталогот со Брајово писмо „Документи што зборуваат на допир“.

На настанот, како што соопшти Министерството за образование и наука, ќе се обрати министерката Весна Јаневска.

Публикацијата претставува избор на најзначајни документи што се чуваат во депоата на Државниот архив и во неговите подрачни одделенија, при што под секој документ е дадена соодветна легенда на Брајово писмо.

Како што соопштија од Државниот архив, станува збор за проект чија цел е архивското и историското наследство да стане подостапно за лицата со оштетен вид, преку примена на Брајово писмо и инклузивни содржини.

Според организаторите, каталогот претставува придонес кон поголема пристапност на културните и историските вредности и афирмација на еднакви можности во областа на културата и образованието.

Промоцијата ќе се одржи во НУ Музеј на македонската борба за самостојност во Скопје, со почеток во 11 часот, а од Државниот архив посочуваат дека проектот има за цел да ја подигне јавната свест за значењето на инклузивноста во културните институции и зачувувањето на културното наследство достапно за сите граѓани.

Поврзани вести