Skip to main content

Промоција на Дигиталниот архив на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“

Во Кинотека на Македонија денеска ќе се промовира Дигиталниот архив на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Архивот на Институтот за фолклор располага со богата архивска граѓа со фолклорна и етнолошка содржина, пишува на интернет-страницата на Институтот.

„Архивскиот аудио-материјал е снимен на повеќе од 4.000 магнетофонски ленти и касети. Аудио-материјалот, што е од доменот на музичкиот фолклор, покрај тоа што е дешифриран, во добар дел е и мелографиран, односно за вокалните, вокално-инструменталните и инструменталните изведби постои и нотен запис. Скромниот фонд на видео-материјали од педесетина видеоленти се чува на видеозаписи, кој во најголем дел за жал е без звучен запис. Тие се главно од доменот на етнокореологијата (изведбата на народните ора), а делумно и од доменот на етнологијата (изведба на одредени обреди, обичаи). Архивот располага и со богата фототека, има неколку стотици фотографии, слајдови и развиени филмови со разни снимки од доменот на традиционалната култура кои го одразуваат секојдневниот, но и празничниот живот. Во депото на Институтот за фолклор се чуваат и делови од традиционалните народни носии. Институтот располага и со извесен фонд на традиционални музички инструменти кои ги красат витрините сместени во подрумскиот дел“, пишува на страницата.

Поврзани вести