
Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје денеска ја почнува меѓународната научна конференција „STUDIA CLASSICA ANNIVERSARIA – 80 години Институт за класични студии“, организирана по повод 80-годишнината од основањето и континуираната дејност на Институтот.
Конференцијата ќе трае до 31 октомври, а на неа ќе учествуваат повеќе од 60 истакнати научници и истражувачи од земјава и од повеќе европски држави, меѓу кои Бугарија, Грција, Полска, Словенија, Србија, Хрватска и Шпанија. Во текот на трите конференциски денови учесниците ќе ги презентираат своите реферати.
Програмата опфаќа бројни и разновидни теми што ја поврзуваат антиката со современиот свет. Излагањата ќе се однесуваат на прашања од старогрчкиот, латинскиот, новогрчкиот, српскиот и македонскиот јазик, како и на теми од областа на античката, средновековната, нововековната и современата книжевност, култура, историја, философија, уметност, лингвистика, реторика, превод, теологија, епистолографија, секојдневие, древните технологии и ботаниката.
Како посебен настан, на вториот ден од конференцијата ќе биде промовирано второто и дополнето издание на „Библиографија на вработените и дипломираните на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“. Изданието претставува сведоштво за долгогодишниот научен и едукативен придонес на оваа институција.
Публикацијата е објавена како Посебно издание број 6 на електронското списание „Systasis“ и веќе е достапна во дигитална форма на официјалните веб-страници на списанието и на конференцијата sca2026.wordpress.com, каде што се објавени и повеќе информации за настанот.

Македонски



