Skip to main content

Институтот за историја одбележува 80 години постоење со меѓународна научна конференција во Скопје

По повод 80 години од основањето, Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје организира дводневна меѓународна научна конференција на тема „Од национални приказни до испреплетени истории“.

Конференцијата ќе биде отворена денеска на Филозофскиот факултет со воведни обраќања на министерката за образование и наука, Весна Јаневска и професорите Далибор Јовановски и Оливер Бакрески.

Програмата опфаќа повеќе пленарни и тематски сесии посветени на историските процеси, националните наративи, културните и дипломатските односи, како и современите пристапи во историските истражувања.

Во рамки на конференцијата ќе бидат презентирани истражувања за историјата на Македонија од средновековниот период до современата државност, односите на Балканот, османлискиот период, светските војни и меѓународните историски влијанија.

Научниот собир ќе заврши утре со последните сесии и дискусии, по што е предвидено и официјално затворање на конференцијата.

Конференцијата се организира во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј – осум децении од формирањето на Институтот за историја, кој е дел од академската и научноистражувачката заедница при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Поврзани вести