
Чичко Славе, ти благодарам што постоиш, рече синоќа Игор Џамбазов, поклонувајќи му се на Димитров, на емотовниот концерт кој Националниот џез оркестар го одржа во Филхармонија во чест на легендарниот музичар по повод неговиот 80. роденден.

Громогласен аплауз и овации кои траеа долго доби Славе Димитров кој концертот го следеше со сопругата Лилјана, синовите Оливер и Дарко, внуците, кои му подарија букет цвеќе кога тој на крајот од концертот се качи на сцената и заедно со сите изведувачи ја отпеа легендарната „Чија си“. Чичко Славе, како што во текот на концертот го ословуваше Игор Џамбазов, кој беше водител, на крајот не можеше да ги задржи солзите и со растреперен глас ја отпеа песната која генерации ја препознаваат како своја.

„Чија си“ ја работел скоро две години се додека не го пронашол вистинскиот текст на Благојче стефановски, веројатно најголемиот македонски хит на сите времиња, така беше прогласен и во „Хард рок“ за песна на милениумот. Чичко Славе ти благодарам што постоиш, кажа Џамбазов.

Концертот насловен „Од Евридика до Чија си“, го диригираше Џијан Емин, а долги аплаузи добија Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Елена Ристеска, Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ и Миа Перевска, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Ѓошева, Маја Саздановска, Ана Костадиновска, Мартија Станојковиќ и Лина Пејовска.
Одиме Опатија, Белград, Загреб, преку Скопскиот фестивал. Вечерва правиме омаж на еден човек кој никогаш не кокетираше на вулгарен начин со публиката, не сакаше неговите песни да звучат обременети со сува техника, туку го имаше она чувство на едноставност, импресиониран од љубовта како најголемата муза на уметниците. Тоа е мојот и ваш. чичко Славе Димитров, рече Џамбазов, кој ги најавуваше песните и изведувачите, а додека траеше најавата, на видо бим одеа фотографии од приватниот албум на Славе Димитров, со сопругата, децата…

Кога првпат го видов списокот на песни кои ќе се изведуваат вечерва, сфатив кој бил мојот чичко Славе. Уживајте, ви претстои незаборавана вечер која ќе ја раскажувате со години, а ќе ја паметите до крајот на вашите животи, рече Џамбазов.
Беа изведени 24 песни кој Димитров ги напишал и исепал, а концертот почна со музика од тв-серијата за деца „Опстанок“. Потоа се редеа „Евридика“, „Ти си песна што ќе трае“, „Чао адио“, „Лилјана“, „Тивко, тивко“, „Момчето со мандолината“, „Ти само збориш“, „Делфина“, „Каде песно моја“, „Ѕ’ма, ѕ’ма, ѕ’м“.. а при крајот без изведени и детките „Зелката има кошули триста“, „Ах таа Тања“ и во „Светот на бајките“. Коаранжери беа Гордан Спасовски и Владимир Ботев.

Неодамна, во издание на „Арс либрис“, како дел од „Арс ламина – публикации“, излезе авторизираната биографија „Чија си“ од Максим Ристески со која се одбележуваат 80 години од раѓањето на Славе Димитров и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.

Македонски



