
Вечерашниот концерт „Од Евридика до Чија си“, посветен на 80. роденден на композиторот Славе Димитров, е целосно распродаден. Во Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, ќе се одржи музичка вечер посветена на творештвото на авторот чии песни оставија трага во македонската музичка култура и станаа дел од колективното сеќавање на повеќе генерации.
Песните „Чија си“, „Делфина“, „Каде песно моја“ и други познати композиции ќе бидат изведени во нови оркестарски аранжмани на Националниот џез оркестар, под диригентство на Џијан Емин.
На концертот ќе настапат Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Агни Авшар, Пере и Миа, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Гошева, Маја Саздановска, Ана Костадиновска, Мартија Станојковиќ и Лина Пејовска.
На сцената ќе се појави и Славе Димитров, чие присуство ќе биде дел од јубилејното одбележување на неговиот 80. роденден.
Со распродадениот концерт, публиката покажа голем интерес за музичкото наследство на Димитров и за вечерта на која неговите песни ќе добијат ново оркестарско издание, велат од Националниот џез оркестар.

Македонски



