
На 11. септември (петок) во 19 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Линија, форма и простор“ на уметникот Филип Перески. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Академскиот уметник Филип Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.
Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата. Со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции. Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз – пишува м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.
Перески (роден 1990 во Прилеп), дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во
Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп. Има одржано повеќе самостојни и групни изложби, а учествувал и на повеќе ликовни колонии.

Македонски



