
Во Рим е откриена тајна работилница во која лажни слики на некои од најпознатите светски уметници биле правени и продавани на интернет. Работилницата е откриена во куќа во северниот дел на италијанската престолнина од тим на јавното обвинителство во Рим и членови на единицата за фалсификување и кражба на уметнички дела на италијанската полиција, пренесува лондонски „Гардијан“.
Полицијата соопшти дека открила значајни докази што сугерираат дека еден реставратор на уметност е централна фигура во синџирот на измама. Полицијата запленила вкупно околу 70 слики, уметнички материјали, бои, четки, платна со различни големини, како и уметнички каталози со кои измамниците ги продавале фалсификатите.
Во полициското соопштение се наведува дека фалсификаторите изработиле и сертификати со кои се гарантира „автентичноста“ на уметничките дела, но сѐ уште не е познато колку долго траела измамата и колку заработиле измамниците.