
Од 2006 година, кога за првпат се одржа во Скопје, Баскерфест прерасна во еден од најпосетуваните и најзначајни културни настани во Македонија, па и пошироко на Балканот. Започнат како храбар експеримент со неколку улични артисти, денес фестивалот се издвојува како прв и најголем меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во земјата. Македонија беше првата земја на Балканот што започна со организирање на ваков тип на уметнички настан, ставајќи ја уличната уметност на мапата на сериозни културни случувања.
Името „Баскерфест“ доаѓа од шпанскиот збор „buscar“, што значи „да се побара“ – симболичен повик за љубопитност, истражување и интеракција. Идејата е едноставна, но длабока, да се пронајде уметноста надвор од традиционалните простори, на улиците, плоштадите и меѓу луѓето. Тоа, низ годиниве и се остварува.
Во изминатите четиринаесет изданија на Баскерфест настапиле над 3500 уметници од повеќе од 40 земји, од сите континенти. Фестивалот пречекал артисти од Австралија, Канада, Аргентина, Полска, Италија, Нов Зеланд, САД, Германија, Ирска, Јапонија, Колумбија, Боливија, Чиле, Србија, Албанија и многу други држави. Возраста на баскерите се движела од 13 до 73 години, учесници во над стотици уметнички перформанси, што говори за неговата инклузивност, достапност и универзална привлечност.
Фестивалската програма констатно е богата и разновидна, вклучувајќи: акробации, жонглерство, магионичарски точки, уличен театар, импровизација, танц, стендап-комедија, огнени шоуа, како и креативни работилници, сето тоа зачинето со музичка програма и директна интеракција со публиката.
Една од најкарактеристичните особености на Баскерфест е токму спонтаната и жива врска меѓу уметниците и публиката, која често учествува во самите перформанси, создавајќи незаборавни моменти и искрени културни доживувања кои се паметат цел живот.
Со текот на годините, Баскерфест бил награден со повеќе признанија, меѓу кои и престижната титула „Супербренд“ на Македонија, како потврда за неговото влијание, конзистентност и оригиналност.
Баскерфест, по неколкугодишна пауза, годинава се враќа во полн сјај под мотото „Побарај ја забавата – Баскерфест 2025“. Јубилејното петнаесеттото издание на фестивалот ќе се одржи од 25 август до 6 септември 2025 година и ќе патува низ 9 градови, а ќе ја забавува публиката на 13 различни локации. Првото шоу на фестивалот ќе се одржи во скопската општина Кисела Вода, а финалето ќе биде во Гевгелија.
На овогодишниот Баскерфест ќе настапат повеќе од 20 интернационални уметници од Полска, Канада, Бразил, Србија, Албанија, Чиле, како и од Македонија. Тие ќе ја анимираат публиката на улиците и плоштадите во Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Куманово, Кавадарци и Гевгелија, како и во скопските општини Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода.
Со нова програма, свежи формати и уметници кои носат енергија од сите страни на светот, Баскерфест 2025 продолжува да ја гради својата приказна, со традицијата како темел, улицата како сцена и публиката како епицентар на секој перформанс.