Skip to main content

Евангелието според лажниот Петар – единствено во кое се опишува како два ангели го изнеле воскреснатиот Исус од гробот

Евангелието во кое се тврди дека е напишано од апостол Симон Петар, Евангелието по Петар, е всушност книга што била изгубена со векови и била откриена дури во 1886 година. Тим француски археолози ископувал кај Каиро, всушност подолу по течението на Нил. Тие ископувале на некои гробишта и наишле на гробница на монах. Мислеле дека е монах бидејќи бил закопан со книга, објаснува експертот по Нов завет, професорот од Универзитетот во Северна Каролина, д-р Барт Ерман.

Тоа е Евангелието по Петар, книга што има 66 страници и содржи четири антички документи. Првиот е тој што се нарекува Евангелие по Петар. Има десет страници, но книгата го нема целиот текст. Светот го нема целото Евангелие.

Книгата почнува од половина реченица, па тоа е всушност фрагмент од Евангелието по Петар. Првата страница е црна, на втората страница има крст, на третата страница, на врвот, од левата страна почнува текстот, но од половина реченица. Всушност, тој што ја препишувал книгата, што го копирал Евангелието, најверојатно во 6 век, ја копирал од примерок што исто така бил фрагмент, односно тој препишувал од претходна копија, која исто така почнувала од половина реченица. Значи, ова откриено Евангелие не е фргмент, туку копијата од која било препишувано е фрагмент. Книгата, Евангелието, почнува со овие зборови:

„…и никој од Евреите не сакаше да ги измие своите раце, пa Пилат остана сам“

Ја знаете сцената кога Пилат вели дека Исус е невин, ги измива рацете со вода и вели дека е невин за крвта на овој човек пред толпата. А Евреите возвраќаат: „Нека падне неговата крв врз нас и нашите деца“. Така Евреите ја преземаат одговорноста за смртта на Исус и оттука и антисемитизмот и омразата кон Евреите како виновни за смртта на Исус, вели Ерман.

Евангелието по Петар не ја поддржува ова верзија на настаните. Според Евангелието по Петар, никој од Евреите не сакал да си ги измие рацете, што ги прави уште повиновни за смртта на Исус од она што е претставено кај Матеј, Марко и Лука. Всушност, ова е прилично антиеврејско Евангелие.

Тука се и описот на судењето на Исус, осудата, распнувањето и воскреснувањето, описи што го има и кај Марко, Матеј, Лука и Јован. Но, во описот во ова Евангелие има и многу разлики од евангелијата во Новиот завет. Најголемата разлика е на крајот. Евангелието по Петар го опишува воскреснувањето, нешто што го нема во Новиот завет, каде што воскреснувањето не е опишано. Сите овие евангелија велат дека Исус воскреснал, но само Евангелието по Петар опишува како тоа се случило.

Кај Марко, Матеј, Лука и Јован, Исус е распнат, закопан и потоа, три дена подоцна, жените доаѓаат кај гробницата и ја наоѓаат празна. Со други зборови, Исус воскреснал, но евангелијата не ни раскажуваат како тоа се случило. Кај нив нема приказна за тоа како Исус излегол од гробницата. Токму тоа се раскажува во Евангелието по Петар. И тоа е извонредна приказна, истакнува професорот.

Според ова Евангелие, властите испратиле стража кај гробот на Исус за да бидат сигурни дека никој нема да го украде телото. И додека стражарите ја чуваат гробницата, погледнуваат нагоре и гледаат дека небото се отворило и два ангели се симнуваат од небото, од рајот, каменот што ја затвора гробницата сам се истркалува, тие влегуваат во гробницата и додека стражарите гледаат, тројца излегуваат од гробницата. Двајца се толку високи што главите им досегаат до небото, а третиот, кого тие го придржувааат, е толку висок што главата го надминува небото. И откога тие излегуваат од гробницата, зад нив се појавува крстот и глас доаѓа од рајот и вели:

„Дали проповедавте на оние што спијат“ и крстот одговара „Да“. Така што овде ги имаме гигантскиот Исус и крстот кој се движи и зборува.

Се разбира, сето ова е метафора. Причината поради која ангелите се толку високи е едноставна: тие се ангели, тие се суперлуѓе, а суперлуѓето се високи. А Исус е повисок од нив бидејќи тој е син на Бога. Крстот што зборува е метафора за прашањето – дали крстот на Исус се однесува на оние што веќе се мртви? И одговорот е „Да“. Така што, пораката на Исусовото спасение на крстот стигнала и до оние што веќе биле мртви пред Исус да се појави на Земјата и тоа е теолошко тврдење проширено преку метафора.

Една од другите интересни карактеристики на ова Евангелие по Петар е она што се случува на самиот крај бидејќи на крајот авторот се идентификува себеси. Последната строфа од Евангелието го кажува следното:

„Јас, Симон Петар, и мојот брат Андреј одлучивме да одиме на риболов и со нас дојде Леви, синот на Алфеус, кому Господ…“ и реченицата тука прекинува, раскажувањето застанува точно во средина на реченицата и не сме сигурни што точно ќе се случи следно, вели Ерман. Но, она што можеме да претпоставиме е дека ќе одат на риболов и ќе го видат Исус како се подигнува од мртвите и ќе разговара со нив, но Евангелието застанува тука.

Она што е интересно е дека авторот на ова Евангелие се идентификува себеси: „Јас, Симон Петар“. Тоа е впечатливо бидејќи Евангелијата по Матеј, Марко, Лука и Јован, кои ги има во Новиот завет, се напишани од автори што не се идентификуваат, па тие евангелијата се анонимни. Подоцна некои препознале дека „ова е напишано од Матеј“, „ова е напишано од Марко“, „ова од Лука’, и некои „уредници“ ставиле наслов Евангелие според Матеј, но нема нарација во прво лице, авторот не кажува, на пример, „еден ден Исус ми пријде и отидовме во Ерусалим, правевме тоа и тоа“.

Според Ерман, сѐ е нарација во трето лице, но не и кај Евангелието по Петар. Тоа е напишано од некој што тврди дека е Петар, но ова Евангелие е напишано некаде во раната втора деценија од вториот век, најмалку 60 години по смртта на Петар, значи некаде помеѓу 110 и 120 година. Ова е некој што тврди дека е Петар знаејќи убаво дека не е така, па со други зборови, лаже за својот идентитет.

Во античкиот свет го сметаат тоа за лага, во модерниот свет тоа го нарекуваме фалсификат – некој што тврди дека е друга личност. Научници на Новиот завет долго време тврдеа дека овој вид литерарна активност на тврдење дека си некој друг била широко распространета и прифатлива во античкиот свет, истакнува Ерман.

Прашањето е зошто имал потеба да ги напише овие редови. Науката засега нема одговор.

Подготвил: Дарко Јаневски / МИА