
Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 го надмина очекуваното и се потврди како настан од европско значење, не само во спортски, туку и во културен и општествен контекст. Со учество на над 4300 спортисти од 50 различни европски делегации, фестивалот донесе енергија, пријателства и моменти за паметење – создадени преку спортот, но и преку богатата културна програма што го оживеа Скопје.
Во текот на фестивалската недела, младите спортисти имаа можност да бидат дел од едно автентично искуство на културна размена и меѓународно пријателство. Просторот околу спортските борилишта, атлетските села и јавните локации во Скопје станаа места за спонтано дружење, вмрежување и запознавање со различни култури и обичаи – искуство што ги зближи младите и ја зајакна нивната поврзаност преку спортот, но и преку неформалната комуникација и меѓусебната почит. Дополнителен белег на оваа позитивна атмосфера беа и фантастичните забави во атлетските села, каде домашни ди-џеи се погрижија за одлична музика и незаборавна забава за учесниците.
Вонспортските активности, кои беа неразделен дел од фестивалот, ги доближија младите до локалната традиција и духот на Скопје, но и ги поврзаа едни со други преку заедничка забава, неформална размена и инспиративна атмосфера.
„ЕМОФ Скопје 2025 не беше само спортско натпреварување – тоа беше прослава на младоста, културата и европските вредности. Скопје беше домаќин на генерација која ќе го обликува идниниот спорт, но и општество“, изјави Даниел Димевски, претседател на МОК и на Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025.
Покрај рекордниот број на спортови (15), волонтери (800), и вкупен број учесници од речиси 6000 луѓе, фестивалот се истакна и по:
- Над 1,5 милиони прегледи на спортските натпревари преку Eoctv.org
- 15 милиони импресии на социјалните мрежи во последниот месец
- 105.000 прегледи на официјалната химна на фестивалот „Together we shine“ – најмногу досега за ваков настан
- 1000+ објави на соопштенија и текстови во домашни и странски медиуми
- 60 соопштенија, 5 прес-конференции и 50 интервјуа (на ТВ, радио и онлајн)
Фестивалот покажа дека младите спортисти се подеднакво заинтересирани за развој на својот спортски дух, како и за градење пријателства и нови доживувања. Скопје се претстави како град што може да организира настан од ваков ранг со високо ниво на професионалност, топлина и инклузивност.
ЕМОФ Скопје 2025 остави силно и трајно наследство – не само преку спортските резултати, туку и преку насмевките, пријателствата и вредностите кои младите ги понесоа со себе.