
Британските власти пресретнаа чамец со рекорден број мигранти – 125 лица, кој во саботата пристигнал до брегот на Обединетото Кралство, откако тргнал од Франција и го преминал Ла Манш, јави ДПА.
Досега најголемата ваква група била 106 лица, фатени во август годинава.
Овие премини со мали чамци се целосно неприфатливи, а безобѕирните трговци со луѓе што стојат зад нив создаваат хаос на нашите граници – изјави министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд. Таа додаде дека мигрантите може да бидат задржани врз основа на билатералниот договор со Франција и дека веќе започнале првите депортации.
Од почетокот на годината до денес во Велика Британија со мали чамци пристигнале над 33.000 мигранти, што е рекорд за периодот јануари–септември откако во 2018 година почнаа да се објавуваат официјални податоци.
Во саботата на бреговите на Велика Британија пристигнале 12 чамци со вкупно 895 лица. Вчера, пак, на францускиот брег загинало дете кое патувало со мигранти, а ден претходно две жени загинале при обид да го минат опасниот премин. Минатата година француската крајбрежна стража пријави 50 смртни случаи на мигранти во Ла Манш.