Skip to main content

Зеленски: Украински функционери се на пат кон САД за да ги разјаснат условите за постигнување мир

Украински преговарачи патуваат во САД за да ги разјаснат условите за потенцијален мировен договор со Русија, изјави денеска претседателот Володимир Зеленски, по забелешките на американскиот претседател Доналд Трамп дека Киев го попречува крајот на војната.

Украинскиот тим активно работи со претставници на американскиот претседател, „наспроти сè“, објави Зеленски на социјалните мрежи, додавајќи дека состаноците се планирани за наредните денови.

Делегацијата ја сочинуваат секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров, новиот шеф на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и пратеникот Давид Арахамија.

Киев се надева дека ќе има „повеќе јасност и за документите што веќе ги подготвивме со американската страна и за одговорот на Русија на целата дипломатска работа што е завршена“, напиша Зеленски на Телеграм.

Украинскиот лидер неодамна соопшти дека билатералниот документ со САД за безбедносни гаранции за неговата земја е „90 отсто подготвен“ за финализирање со Трамп, пренесе ДПА.

Ова следува по неколкунеделните преговори иницирани од американскиот претседател за ставање крај на војната, која почна кога рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на соседната земја во февруари 2022 година.

Американската страна разговара и со Украина и со европските сојузници, како и со Москва, но во моментов нема директни мировни преговори меѓу завојуваните страни, кои ги продолжуваат меѓусебните напади.

Руските ракетни напади и нападите со дронови врз украинските градови оставија милиони луѓе без греење или електрична енергија за време на една од најстудените зими во последните години, изјави вчера Зеленски.

Украина никогаш не била и никогаш нема да биде камен на сопнување за мирот, напиша тој на X. „Кога Украинците остануваат без струја по 20 – 30 часа поради Русија, и кога руските напади се насочени кон уништување на нашиот енергетски систем и нашиот народ, тогаш Русија е таа врз која мора да се изврши притисок“, додаде тој.

Поврзани вести