Skip to main content

Зеленски се плаши дека САД ќе го загубат интересот за мировен договор

Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно призна дека стравува оти САД би можеле да го изгубат интересот за организирање мировен договор меѓу Киев и Москва, пренесува „Скај њуз“. На заедничка прес-конференција со ирскиот премиер Михаел Мартин во Даблин, Зеленски изрази умерен оптимизам за текот на преговорите, но и сериозна загриженост дали Вашингтон ќе остане целосно ангажиран.

Тој посочи дека е охрабрен од засилената дипломатска активност на американската администрација и напорите да се најде пат кон прекин на конфликтот.

Имаше мал оптимизам во моите зборови поради брзината на разговорите и интересот од американска страна. Тоа покажа дека Америка не се повлекува од дијалогот, и тоа е добро – рече Зеленски.

Но, на директно прашање дали се плаши дека САД би можеле да се изморaт од процесот, тој одговори искрено: „Да, се плашам. Ако некој од нашите сојузници се измори…“ Притоа додаде дека целта на Русија е „да го извлече американскиот интерес од оваа ситуација“.

Зеленски најави дека очекува повратни информации од американските претставници по средбата на специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Тој истакна дека е подготвен повторно да се сретне со претседателот Доналд Трамп, но дека средбата зависи од резултатите на разговорите во руската престолнина.

Од американска страна се очекува да биде презентирана изменета верзија на планот од 28 точки за прекин на војната – документ што претходно предизвика жестоки критики поради наводната наклонетост кон руските позиции. Украина останува цврста во ставот дека нема да прифати никакви територијални отстапки и дека секој мировен договор мора да гарантира целосен суверенитет и безбедност на државата. Дел од украинските функционери стравуваат дека предложените безбедносни гаранции нема да бидат доволно силни, особено ако не наликуваат на заштитата што ја нуди членот 5 од НАТО.

Русија, пак, инсистира дека дополнителни гаранции не се потребни, а Путин изјави дека нема намера да продолжи со непријателствата – но истовремено испрати заканувачка порака до Европа.

Ако Европа сака да започне војна со нас, ние сме подготвени веднаш, изјави тој, додавајќи дека Москва ја смета ЕУ за оддалечена од преговорите поради прекинатите односи и санкциите.

Путин обвини дека европските лидери намерно поставуваат „неприфатливи услови“ за да го прикажат Кремљ како пречка за американските дипломатски напори. Украинската страна, пак, предупредува дека Русија токму преку воени притисоци и пропагандни изјави се обидува да ја засили својата преговарачка позиција во пресрет на новите дипломатски рунди.

Ситуацијата останува исклучително неизвесна, а изјавата на Зеленски дека „се плаши“ од можен американски замор дополнително ја нагласува ранливоста на процесот кој би требало да ја одреди иднината на украинско-рускиот конфликт.

Поврзани вести