
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, при пристигнувањето во главниот град на Велика Британија, Лондон, изјави дека американската поддршка е од клучно значење за Украина.
Предвидено е Зеленски денеска да има средба со Кир Стармер, а утре да присуствува на средбата организирана од британскиот премиер со повеќе европски лидери, на која ќе се разговара за идниот мировен договор за Украина и негово спроведување.
Стармер оцени дека таквиот договор би морал да ги вклучува и САД.
Зеленски пристигна во Лондон од САД, каде синоќа имаше вербален судир со американскиот претседател и потпретседател, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс. Поради што беше откажана заедничката прес-конференција и не беше потпишан договорот за експлоатација на украинските минерални ресурси, според кој приходите од минералите ќе бидат депонирани во заеднички американско-украински фонд, а за возврат Украина да добие американски безбедносни гаранции.
Стармер синоќа телефонски разговараше и со Трамп и со Зеленски и изрази непоколеблива поддршка за Украина.