
Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека заразните болести во Појасот Газа се „надвор од контрола“, при што само 13 од 36-те болници на територијата делумно функционираат.
„Без разлика дали станува збор за менингитис… дијареја, респираторни заболувања, зборуваме за огромно количество работа“, рече Ханан Балки, регионална директорка на здравствената организација на ОН.
Во посебна изјава, СЗО соопшти дека ги зголемила залихите на медицинска опрема за здравствените установи откако стапи на сила прекинот на огнот во Газа.
„Оваа недела, повеќе од 220 палети со основни лекови и медицински потрошен материјал беа испратени од нашиот јужен магацин до партнерите што ги поддржуваат болниците низ Газа“, се наведува во соопштението на мрежата X.
СЗО им се заблагодари на Европските операции за цивилна заштита и хуманитарна помош (ECHO) за нивната континуирана поддршка, објавува Гардиан.
Светската програма за храна на ОН (WFP) денеска објави дека од почетокот на прекинот на огнот, во Газа доставувала просечно 560 тони храна дневно, но дека тоа е сè уште под потребните количиства.
„Сè уште сме под она што ни е потребно… Прекинот на огнот отвори мал прозорец на можности и Светската програма за храна (WFP) многу брзо се движи кон зголемување на помошта во храна“, изјави портпаролката на WFP, Абер Етефа, за новинарите во Женева.