
Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо го пофали американскиот претседател Доналд Трамп за апсењето на авторитарниот лидер Николас Мадуро, јави ДПА.
3 јануари ќе остане запишан во историјата како ден кога правдата ја победи тиранијата“, изјави Мачадо вчера за Фокс њуз.
Американските сили во ноќта меѓу петокот и саботата нападнаа цели во Венецуела, ги заробија Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес и ги доведоа во САД, каде што сега се соочуваат со судски постапки за наводни обвиненија за дрога.
Мачадо претходно го пофали Трамп за неговиот тврдокорен пристап кон Венецуела.
„Ова е пресвртница“, рече таа во објава на Х, додавајќи дека тоа е значајно не само за венецуелскиот народ, туку и „за човештвото, за слободата и човечкото достоинство“. Во друга објава, таа рече дека Венецуела ќе стане „главен сојузник на САД во прашањата за безбедноста, енергијата, демократијата и човековите права“.
По апсењето на Мадуро, Мачадо повика опозицискиот политичар Едмундо Гонзалез Урутија да биде поставен за претседател. Овој 76-годишен поранешен дипломат беше општоприфатен од опозицијата и меѓународните набљудувачи за победник на претседателските избори во 2024 година, кои беа нарушени со обвинувања за измама, потсетува ДПА.
Тој се кандидираше само затоа што на попопуларната Мачадо и беше забрането да учествува на изборите.
Трамп неодамна посочи дека Мачадо нема да игра водечка улога во Венецуела, велејќи: „Ќе биде многу тешко за неа да биде лидер. Таа нема поддршка, ниту почит во земјата“, потсетува ДПА.
Во меѓувреме, лојалната заменик-претседателка на Мадуро, Делси Родригез, положи заклетва како вршител на должноста претседателка на земјата. Нејзината влада продолжува да го смета Мадуро за легитимен шеф на државата.
Видео: Фејсбук профил на Белата куќа

Македонски






