Skip to main content

УНХЦР: Владите низ целиот свет, особено САД и европските земји, ја поткопуваат глобалната конвенција за бегалци

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека владите низ целиот свет, особено САД и европските земји, сè повеќе ја поткопуваат глобалната конвенција за бегалци и баратели на азил, доведувајќи го во прашање дури и нејзиното постоење.

Американските медиуми пренесуваат дека ваквото остро предупредување од УНХЦР доаѓа на 75-годишнината од Конвенцијата на ОН за бегалци, документ од 1951 година што дефинира кои се бегалците и ги одредува обврските на земјите што ги примаат.

Многу земји привремено го прекинаа разгледувањето на барањата за азил – молби за меѓународна заштита од оние кои тврдат дека ќе се соочат со војна или прогон поради нивната религија, раса, националност, сексуална ориентација или политички убедувања доколку се вратат во нивната земја.

Не претерувам кога велам дека институцијата за азил низ целиот свет сега е поранлива од кога било досега, изјави Рувендрини Меникдивела, помошник висок комесар за заштита во УНХЦР, за време на онлајн брифинг од Женева.

САД како и некои европски земји, сè повеќе го ограничуваат азилот и бараат билатерални договори со трети земји, особено во Африка, за депортирање на мигрантите.

Други, како Грција, која доживеа бран судански бегалци на островот Крит, привремено ги суспендираа барањата за азил.

Овие два документа спасија милиони животи во минатото и ќе спасат милиони животи во иднина, додаде Меникдивела, осврнувајќи се на Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година, усвоена по Втората светска војна, и придружниот Протокол од 1967 година, со кој се прошири заштитата на бегалците низ целиот свет.

Глобалната криза со финансирањето во хуманитарниот сектор влијаеше на повеќе од 122 милиони луѓе кои се раселени од своите домови, бегајќи од конфликт или прогон, вели агенцијата, додавајќи дека растот на негативните ставови кон азилот и миграцијата дополнително ја комплицира нивната ситуација.

Поврзани вести