
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека земјата „го има најмоќното оружје на светот“, и поради тоа, како што оцени, кинескиот претседател Си Џинпинг нема да дозволи ескалација на трговската војна меѓу двете земји.
Говорејќи во Овалната соба, Трамп рече дека „не е загрижен“ поради понатамошна ескалација на економскиот конфликт со Кина, нарекувајќи го кинескиот претседател Си Џинпинг „еден од (неколкуте) многу паметни луѓе во светот“, пренесува „Њузвик“.
Мислам дека тој не би дозволил тоа да се случи. САД се многу помоќни отколку што мислат луѓето. Имаме оружје за кое никој не знае што е, а тоа е најмоќното оружје во светот – рече Трамп.
Кина најави дека ќе воведе царини од 84 отсто за сите производи од САД, со што претходно најавената царина од 34 отсто е дополнително зголемена, а исто така поднесе нова жалба до Светската трговска организација (СТО).
Ова беше одлучено како одговор на претходната мерка на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која воведе царини од 125 отсто за кинески стоки.