Skip to main content

Трамп се заканува со напуштање на НАТО и намалување на помошта за Украина

Во првото ТВ интервју по неговиот реизбор, Доналд Трамп ги повтори своите радикални политички планови, им се закани на сојузниците со напуштање на НАТО а на Украина со намалување на американската помош, пренесува „Дојче веле“.

Трамп ќе го започне својот втор мандат на функцијата на 20-ти јануари. Во интервјуто за Ен-Би-Си, Трамп изјави дека „апсолутно“ ќе размисли за напуштање на САД на западната воена алијанса доколку сојузниците во НАТО не се однесуваат „праведно“ со неговата земја. „Тие треба да си ги платат сметките“, побара новоизбраниот претседател.

Веќе за време на неговиот прв мандат (2017/2021), односите на САД со НАТО беа затегнати поради, како што сметаше Трамп, недоволниот придонес на сојузниците. Пролетта, Доналд Трамп се закани дека нема да им помогне на партнерите од НАТО кои не ги исполнуваат платежните обврски доколку бидат нападнати. Всушност, тогаш тој дури би ги охрабрил Русите да прават „што сакаат“ со нив.

Републиканецот, познат по своите симпатии кон рускиот претседател Владимир Путин, во интервјуто ја покрена и можноста за намалување на американската помош за Украина. На прашањето дали неговата администрација ќе ја намали поддршката за Украина, Трамп одговори: „Можно е. Да, веројатно, сигурно“.

САД се најважниот поддржувач на Украина во одбранбената војна против Русија. Интервјуто за Ен-Би-Си е направено во петокот, еден ден пред Трамп да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз во саботата.

По разговорот во Париз, Трамп повика на „итен прекин на огнот“ на неговата онлајн платформа Truth Social и апелираше до Киев и Москва да започнат преговори. Според критичарите, предложениот договор на Трамп со Русија може да доведе до тоа Украина да биде принудена да се откаже од повеќе територии окупирани од Русија.

Во однос на прашањето за имиграцијата, Трамп ја повтори својата намера да спроведе ригорозна политика за депортација. „Тоа мора да се направи”, истакна тој, дури и ако таквата масовна депортација е „тешка работа“. Трамп за време на предизборната кампања порача дека доколку биде реизбран, ќе нареди најголема масовна депортација на мигранти без документи во историјата на САД. Притоа најави вклучување на војската и подигање кампови за интернација.

Во интервјуто тој најави и дека сака да го укине стекнувањето на државјанство со раѓањето во САД, кое е запишано во американскиот Устав. Тој ќе го истурка ова откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари „ако можеме, преку извршна мерка“, рече Трамп. Според Уставот на САД, секој роден на територијата на САД добива американско државјанство. Според Трамп, оваа одредба е „смешна“.

Ќе биде спроведена и ригорозната царинска политика што ја најави, вклучително и против важните трговски партнери Канада, Мексико и Кина. Царините, „искористени правилно“ се „многу моќна алатка“, потенцира Трамп. Тој има намера да го користи овој инструмент „за да постигне и други работи надвор од економијата“, со цел да го спречи увозот на дрога и илегалната миграција. На прашањето дали граѓаните на САД ќе се соочат со повисоки цени како резултат на овие царини, Трамп одговори: „Не можам да гарантирам ништо“.

Трамп изјави дека ќе се погрижи за помилување на затворените поддржувачи „многу брзо“ по преземањето на функцијата. Неговите поддржувачи, поттикнати од лажни наводи за изборна измама, упаднаа во Капитол во Вашингтон на 6 јануари 2021 година. Многумина од инволвираните, вклучително и водачите на десничарските екстремистички милиции, беа осудени на долги затворски казни. Трамп ги нарекува уапсените „заложници“.

Упадот во Капитол влезе во историјата како едно од најтемните поглавја на американската демократија. Самиот Трамп беше обвинет за заговор за измама на САД во врска со настаните. Со оглед на неговата изборна победа, американското правосудство ја прекина постапката бидејќи против актуелен претседател не се врши истрага.

Поврзани вести