Skip to main content

Трамп ја потврди средбата со Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека в петок ќе одржи средба со украинскиот колега Володимир Зеленски.

– Ќе потпишеме договор кој е од голема важност, изјави Трамп, додавајќи дека се работи за договор поврзан со минералните богатства на Украина.

Тој истакна дека неговата администрација „добро соработува со Русија“ и ја пофали работата на својот тим за, како што рече, „одлично завршената работа“.

Трамп посочи дека претходната американска администрација ја довела земјата во „многу лоша позиција“.

– Но, ние успеавме да постигнеме договор со кој ќе си ги вратиме нашите пари и во иднина ќе добиеме многу повеќе, изјави Трамп.

Американскиот претседател нагласи дека американските даночни обврзници не треба да плаќаат повеќе за Украина отколку што тоа го прават Европејците.

Трамп исто така навести дека е можно постигнување примирје меѓу Русија и Украина.

– Работиме на договор кој ќе стави крај на убивањето. Ова е многу важна работа и големо достигнување, изјави Трамп пред новинарите.

Договорот меѓу САД и Украина за минералните ресурси се однесува на поделбата на украинските ресурси, како што се титаниумот, графитот, литиумот и ретките метали, како компензација за американската помош на Украина и можни идни безбедносни гаранции.

Поврзани вести