
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека САД се вклучени во „вооружен конфликт“ со нарко-картелите, додека венецуелската влада вчера го осуди „нелегалниот упад“ на американските борбени авиони во воздушниот простор под нејзина контрола.
Пентагон вчера испрати писмо до Конгресот во кое наведува дека САД се вклучени во „вооружен конфликт“ против нарко-картелите, оправдувајќи се откако експертите ја доведоа во прашање легалноста на убивањето осомничени трговци со дрога покрај брегот на Венецуела, наместо да ги апсат и да им ја запленат стоката.
Вашингтон го обвинува венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата влада дека водат огромна организација што извезува дрога во САД и објави дека неодамна уништиле четири брода означени како „нарко-терористи“, при што загинале најмалку 17 лица.
Официјално, станува збор за операција против наркотици.
Венецуела „цврсто го отфрла нелегалниот упад“ на борбени авиони „75 километри од нашиот брег“, соопштија министерствата за одбрана и надворешни работи во заедничка изјава, без да прецизираат дали станува збор за повреда на нејзината територија.
„Овој маневар претставува провокација што го загрозува националниот суверенитет и ги крши нормите на меѓународното право и Чикашката конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство“, се нагласува во соопштението. Завчера, министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека „пет борбени авиони“ „се осмелиле да се приближат до венецуелскиот брег“.
Тој ја осуди „провокацијата, но и заканата за нашата национална безбедност“. САД испратија неколку воени бродови во Карибите и десет борбени авиони Ф-35 во Порторико, територија анектирана од САД, во она што официјално е операција против наркотици.
Стејт департментот објави во август дека ја дуплирал наградата на 50 милиони долари за апсењето на претседателот Николас Мадуро, кој е обвинет од американскиот правосуден систем за трговија со дрога и чиј реизбор Вашингтон не го признал. Правните експерти во САД нагласија дека нападите на САД врз бродовите биле надвор од секоја законска рамка.
„Како што постојано наведуваме, претседателот дејствуваше во согласност со законите за вооружен конфликт за да ја заштити нашата земја од оние кои сакаат да го донесат овој смртоносен отров на нашите брегови“, рече Ана Кели, заменик-портпаролката на Белата куќа, во писмо до Конгресот.
Но, Уставот на САД предвидува дека само Конгресот има моќ да објави војна, што фрла сомнеж врз валидноста на лабаво оправданата декларација за „вооружен конфликт“. Каракас силно ги негира обвиненијата за трговија со дрога и, како одговор на испраќањето бродови и авиони од страна на САД, што го смета за „воена закана“, започна воени вежби и мобилизираше резервисти и милиции.
Венецуелските власти ги сметаат обвиненијата за трговија со дрога како лажен изговор за соборување на Мадуро и запленување на нафтените ресурси на Венецуела. Земјата тврди дека има најголеми резерви на нафта во светот.