Skip to main content

„ТикТок“ останува во Америка, но под ригорозни услови

Функционери од Белата куќа денеска изјавија дека овој аранжман ќе обезбеди американските корисници да ја задржат контролата врз софтверот за препораки на апликацијата, откако нејзините американски операции ќе бидат издвоени од сопственоста на кинескиот „ByteDance“, пренесува весникот.

Новите американски сопственици ќе изнајмат копија од алгоритмот на „ByteDance“, кој „Oracle“ потоа ќе го реконструира. Техничките детали за тоа како ќе се реализира процесот сè уште не се објавени.

„’Oracle‘ ќе работи во партнерство со американската влада за да се обезбеди сигурност и заштита на податоците на целата ’TikTok‘ платформа – од преглед на изворниот код, преку повторно тренирање на алгоритмот, до развој и имплементација на апликацијата“, изјави функционер од Белата куќа.

Овие изјави се во спротивност со неодамнешните тврдења од Пекинг дека алгоритмот ќе остане во кинески раце, наведува американскиот весник.

Минатата недела функционери рекоа дека издвоениот американски „TikTok“ ќе го користи кинескиот алгоритам на „ByteDance“ и дека САД и Кина постигнале рамковен договор кој вклучува „лиценцирање на алгоритмот и други права на интелектуална сопственост“.

Темел на секој договор е одлуката дека податоците за околу 170 милиони американски корисници на „TikTok“ ќе бидат сместени на серверите на „Oracle“, кој веќе ги чува овие информации во рамките на претходниот договор.

„ByteDance“ нема да има пристап до податоците на американските корисници на „TikTok“, а исто така ќе ја изгуби контролата и врз алгоритмот на апликацијата, според функционери од Белата куќа.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во петокот изјави дека тој и Си Џинпинг го одобриле договорот што ќе му овозможи на „TikTok“ да продолжи со работа во САД. Изјавата дојде по усвојувањето на законот од Конгресот минатата година, со кој се наложува присилна продажба на „ByteDance“.

Конгресмените претходно се заканија со национална забрана доколку не се постигне договор. Трамп повеќепати го продолжуваше рокот за продажба на „ByteDance“, четврти пат одложувајќи ја националната забрана до 16 декември.

„TikTok“ во меѓувреме развиваше самостојна американска апликација во очекување на договорот, за да се осигура дека содржината создадена од американските корисници ќе биде достапна и во други земји, наведуваат извори запознаени со процесот.

Според условите на договорот, се очекува претходните американски инвеститори, меѓу кои „General Atlantic“ и „Susquehanna“, да го задржат својот удел во работењето. На нив ќе им се придружи и конзорциум од нови инвеститори.

Се очекува и медиумскиот магнат Руперт Мурдок да инвестира во „TikTok“ преку својата медиумска група „Fox Corp“, како и Мајкл Дел, американски претприемач и основач на „Dell Technologies“, една од најголемите светски компании за компјутери и информатичка технологија.

Американскиот конзорциум ќе поседува 80 проценти од бизнисот, додека уделот на „ByteDance“ се очекува да падне под 20 проценти, како што утврди Конгресот.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера изјави дека договорот со кој американските инвеститори ќе поседуваат и контролираат мнозински удел во „TikTok“ во САД ќе биде постигнат оваа недела.

Поврзани вести