
Најмалку едно лице загина, а повеќе други се повредени во серија експлозии што ноќеска го потресоа западноукраинскиот град Лавов, во напад што локалните власти го квалификуваа како терористички.
Според информациите од украинските служби, жртвата е полицајка која интервенирала по пријава за провала во продавница во центарот на градот. Првата експлозија одекнала додека полицијата била на терен, а кратко потоа следувала и втора детонација кога пристигнала дополнителна полициска екипа.
Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, изјави дека станува збор за „терористички акт“, додавајќи дека најмалку десетина повредени лица се хоспитализирани по експлозиите.
Украинските власти го осудија нападот и посочија дека истрагата е во тек. Нападот се случил во време кога главниот град Киев исто така бил цел на ракетни и дронски напади во текот на ноќта.
Лавов важи за еден од поретко погодените градови во западна Украина, што дополнително ја зголемува загриженоста по најновиот инцидент.
Истрагата за околностите и можните сторители продолжува.

Македонски



