Skip to main content

СЗО жали за повлекувањето на САД од организацијата

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека жали што САД официјално се повлекоа од здравствената агенција на ОН и дека се надеваат оти официјален Вашингтон ќе се врати на активно учество во иднина.

САД во четвртокот ја напуштија организацијата, една година по предупредувањата дека тоа ќе му наштети на јавното здравје во САД и на глобално ниво.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го критикуваше начинот на кој СЗО се справи со пандемијата на Ковид-19. Трамп изјави дека СЗО не дејствувала независно од „непотребното политичко влијание од земјите-членки на СЗО“ и дека агенцијата барала „неправедно тешки плаќања“ од САД кои биле непропорционални на износите обезбедени од други, поголеми земји, како што е Кина.

СЗО соопшти дека стои зад својот одговор на „невидената глобална здравствена криза“ предизвикана од пандемијата.

Системите што ги развивме и управувавме пред, за време и по вонредната фаза на пандемијата, работејќи 24/7, придонесоа за безбедноста на сите земји, вклучително и на САД“, додаваат од СЗО.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера изјави дека причините што ги наведоа САД за повлекување од меѓународната организација се „неточни“.

За жал, причините што ги наведоа САД за одлуката да се повлечат од СЗО не се вистинити. Известувањето за повлекување ги прави и САД и светот помалку безбедни“, изјави Гебрејесус.

Поврзани вести