Skip to main content

Светската стапка на самоубиства намалена за речиси 30 отсто од 1990 година

Freepik

Стапката на самоубиства на глобално ниво се намали за речиси 30 отсто во последните три децении, покажува голема меѓународна студија објавена во списанието Нејчр Ментал Хелт (Nature Mental Health).

Истражувачите анализирале податоци на Светската здравствена организација (СЗО) од 102 земји и утврдиле дека просечната стапка паднала од 10,33 самоубиства на 100.000 жители во 1990 година на 7,24 во 2021 година, што претставува намалување од 29,9 проценти.

Поголемо намалување е забележано во земјите со висок доход (32,1%), во споредба со 27,3% во земјите со низок и среден доход.

Научниците предупредуваат дека дефинициите за самоубиство се разликуваат по земји, што може да ги искриви статистиките. Студијата, објавена е предводена од Соун Ким и Селин Ву од Медицинскиот колеџ на Универзитетот Кјунг Хи во Сеул.

Во Европа, истражувачите укажуваат дека одговорното медиумско известување и вложувањата во развој на социјални и емоционални вештини кај младите, заедно со подобрен пристап до психијатриска и психосоцијална грижа, намалување на стигмата за менталните болести и превентивни програми, придонеле кон падот на стапките.

Во 1990 година, земјите со висок доход имале просечна стапка од 12,68 самоубиства на 100.000 жители, која до 2021 година се намалила на 8,61. Во земјите со низок и среден доход, стапките паднале од 7,88 на 5,73 во истиот период.

Сепак, студијата истакнува дека во одредени држави и натаму е присутно недоволно пријавување поради стигма, верски забрани или криминализација на самоубиството. Притоа, пораст на стапките е забележан во земји во развој кои минуваат низ забрзана урбанизација.

Истражувачите прогнозираат дека до 2050 година глобалната стапка може дополнително да се намали на околу 6,49 на 100.000 жители, но предупредуваат дека ризикот останува висок за одредени популации и земји.