
Британскиот премиер Кир Стармер „не планира“ да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, како што предложија францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, изјави денеска портпаролот на Даунинг стрит.
Премиерот не планира да разговара со претседателот Путин. Неговата цел очигледно е да ја поддржи Украина во постигнувањето праведен и траен мир и да ја постави земјата во најсилната можна позиција за продолжување на борбата и чекорите кон мировните преговори, рече портпаролот.
Тој додаде дека рускиот претседател „досега не покажал никаков знак“ дека сака да ја прекине војната во Украина. Тој исто така нагласи дека британската влада има „редовен“ контакт со руската влада, особено преку својата амбасада во Москва.
Кремљ претходно денеска го оцени како „позитивно“ тоа што некои европски земји изразија подготвеност да го обноват дијалогот прекинат по почетокот на рускиот напад врз Украина во 2022 година. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, истовремено го критикуваше ставот на Велика Британија, велејќи дека „засега останува на радикални позиции“ и „не сака да придонесе за воспоставување на мирот“.
Позицијата на Лондон е од деструктивна природа, изјави Песков.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони на почетокот на јануари рече дека „дојде време кога и Европа треба да разговара со Русија“, залагајќи се за европски „специјален пратеник“ кој би им овозможил да зборуваат со еден глас.
Францускиот претседател Емануел Макрон во декември минатата година порача дека за Европејците би било „корисно повторно да разговараат со Владимир Путин“ во рамките на „сеопфатен дијалог со Русија“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц завчера потврди дека „пронаоѓањето долгорочен баланс со Русија“ би и овозможило на Европската унија „со поголема доверба да гледа во иднината“.
Бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп го обнови контактот со рускиот колега, заговорниците за обнова на дијалогот тврдат дека Европа, останувајќи на страна, ризикува да биде само преговарачки адут во можното политичко решение на војната во Украина, а во поширока смисла и во обновата на американско-руските односи.

Македонски





