
Шефовите на дипломатиите на Русија и Кина, Сергеј Лавров и Ванг Ји, разговараа за перспективите за завршување на војната во Украина и односите со САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Лавров, кој треба да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Кина, со Ванг се сретна во Пекинг, пренесуваат руските медиуми.
Двајцата први дипломати ја потврдија својата силна меѓусебна поддршка за прашањата што се однесуваат на фундаменталните интереси на Москва и Пекинг, вклучувајќи ја заштитата на суверенитетот, територијалниот интегритет и националното единство во целата негова регионална и етничка разновидност.
Министрите го изразија своето задоволство од позитивната динамика на руско-кинеската сеопфатна соработка и детално ја разгледаа билатералната агенда со акцент на спроведувањето на мајскиот самит во Москва. Страните, исто така, се осврнаа на прашањата за практична соработка меѓу Русија и Кина, вклучително и нивната хуманитарна компонента“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Лавров и Ванг Ји детално ги разгледаа прашањата за соработка во рамките на ШОС.
Тие посветија посебно внимание на содржината на претстојниот состанок на Советот на шефови на држави на земјите-членки на ШОС, како и на самитот во формат „ШОС плус“. Страните разговараа и за односите со САД и перспективите за решавање на украинската криза. Беше истакната важноста од зајакнување на тесната координација меѓу двете земји на меѓународната сцена, вклучувајќи ги Обединетите нации и Советот за безбедност, ШОС, БРИКС, Г20 и АПЕК“, соопшти руското Министерство за надворешни работи
Кина и Русија во февруари 2022 година прогласија стратешко партнерство без ограничувања, при посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Пекинг.