
Поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој од 2014 година е во егзил во Русија, денеска го критикуваше Киев поради аспирациите за членство во НАТО.
– Секогаш јасно разбирав дека тоа (приклучувањето кон НАТО) е катастрофа за Украина. Тоа е пат што не води никаде, освен кон граѓанска војна, изјави Јанукович во видео-снимката објавена од руската државна новинска агенција Риа новости.
Тој додаде дека неговата цел бил Украина да стане членка на Европска Унија.
Јанукович (75) беше претседател на Украина од 2010 до 2014 година. Тоа е прва негова изјава од почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година.
Тој побегна во Русија по протестите предизвикани од неговата одлука во ноември 2013 година да не го потпише Договорот за придружување на Украина во ЕУ, со образложение дека европските претставници не ја разбираат сложената економска ситуација во Украина. Во сузбивањето на протестите на киевскиот плоштад Мајдан загинаа околу сто луѓе, а Јанукович во февруари 2014 година пребега во Русија.
По бегството на Јанукович, Русија го анектира Крим и ги поддржа проруските сепаратисти.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во февруари 2023 година му го одзеде укрианското државјанство на Јанукович. Во април годинава судот во Киев го осуди Јанукович на 15 години затвор за нелегално преминување на државната граница и поттикнување дезертерство.