
Федералната влада сега ќе работи во вонреден режим, односно стотици илјади вработени на сојузно ниво ќе бидат испратени на принуден одмор, додека оние кои се сметаат за неопходни ќе мораа да доаѓаат и покрај тоа што можеби нема да добиваат плата. Очекувањата се поради блокадата да има илјадници отпуштања, со дневен трошок за земјата од околу 400 милиони долари. Буџетската блокада дојде откако Демократите во Сенатот не го поддржаа планот на Републиканците за државно трошење. Каменот на сопнување како што откри Трамп е во финансирањето здравствена заштита за мигранти и ранливи групи.
-Една од работите кои сакаат да ги направат (Демократите) е да дадат неверојатна здравствена заштита на нелегални мигранти и тоа ќе направи тие да продолжат да доаѓаат во нашата земја. И имаме борба во делот за трансродовите лица. „Трансродово за сите“ и тоа кога говорите во медицинска смисла чини многу пари, тие операции се лоши. / Ние сме последните кои сакаме буџетско затворање. Но, кога сме кај тоа, можеме да направиме работи за време на затворањето кои се неповратливи, кои се лоши за нив (Демократите) и кои се неповратливи за нив. Како на пример да се отпуштат голем број на луѓе,- – Доналд Трамп – Претседател на САД.
Иако партијата на Трамп ги контролира двата дома во Конгресот, за повеќето буџетски закони во Сенатот потребно е квалификувано мнозинство од 60 гласа, а Републиканците имаат 53 Сенатори во 100 члениот дом.
-Ова е на Демократите во Сенатот. Конгресот дејствуваше, Претседателот е подготвен да го потпише законот и се што е потребно е осум Демократи да ни се придружат,- – Џон Тун – Лидер на Републиканците во Сенатот.
Демократите не сакаат буџетско затворање. Подготвени сме да работиме со Републиканците да најдеме меѓупартиски компромис и топката е кај нив,- – Чак Шумер – Лидер на Демократите во Сенатот.
И додека двете партии не штедеа меѓусебни обвинувања за буџетската блокада на земјата, американскиот претседател Трамп на социјалните мрежи на свој начин објави најпрво едно, а потоа и уште едно видео во кое се потсмева со лидерот на Демократите во претставничкиот дом Хаким Џефрис, со кого претходниот ден во Белата Куќа преговараше за изнаоѓање на компромис
-Тоа е одвратно видео и ние ќе продолжиме да објаснуваме дека ова не води никаде. Се бориме да ја заштитиме здравствената заштита за американскиот народ во пресрет на републикански напад без преседан,- – Хаким Џефрис – Конгресмен од Демократите.
Буџетската блокада во САД во меѓувреме има влијание и во земјава. Американската амбасада во Скопје соопшти дека нивниот официјален профил на социјалните мрежи нема да се ажурира редовно, туку ќе се објавуват само итни информации поврзани со безбедност и сигурност.