
САД го оценија формирањето на новата сириска влада како „позитивен чекор“, но нагласија дека нема да ги олеснат санкциите сè додека не видат напредок во приоритетните области, како што е борбата против тероризмот.
Оддаваме признание на сирискиот народ за неговата борба против децениското деспотско владеење и угнетување од страна на режимот на (Башар ал) Асад и се надеваме дека оваа објава (за формирањето на новата влада) претставува позитивен чекор кон инклузивна и репрезентативна Сирија, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Тами Брус.
Сепак, привремените власти во Сирија мора целосно да се откажат од тероризмот и да го елиминираат, да ги исклучат странските терористички борци од какви било официјални позиции и да спречат Иран и неговите прокси-групи да ја искористуваат сириската територија, додаде Брус.
Привремениот сириски претседател Ахмед ал Шара, чие исламистичко коалициско движење го собори претседателот Асад во декември и ја презеде власта во Дамаск по речиси 14 години граѓанска војна, во саботата го објави формирањето на новата влада, во која доминираат негови доверливи соработници.
Стејт департментот, исто така, ги повика привремените власти во Сирија да преземат „значајни чекори за докажано уништување на хемиското оружје на Асад, да помогнат во пронаоѓањето на исчезнатите американски и други граѓани во Сирија и да ја гарантираат безбедноста и слободите на верските и етничките малцинства“.
Во однос на можноста за укинување на санкциите, Брус истакна дека „секое прилагодување на американската политика кон привремените власти во Сирија ќе зависи од исполнувањето на сите овие мерки“.
Од своја страна, Европската Унија вчера соопшти дека е подготвена за соработка со новата сириска влада