
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, ѝ нареди на американската сајбер команда да ги запре сите офанзивни сајбер операции против Русија, во обид да ги обнови американко-руските односи во насока на напорите да се постигне договор со официјална Москва за мир во Украина, објави Њујорк Тајмс.
Во извештајот на американскиот весник, во кој се цитираат изјави на актуелен функционер и двајца поранешни функционери запознаени со наредбата на министерот за одбрана, се наведува дека тоа очигледно е дел од пошироките напори да се вовлече рускиот претседател Владимир Путин во преговорите за Украина и новите односи со САД.
Во текстот се додава дека наредбата за прекин на офанзивните сајбер операции против Русија е издадена пред средбата меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа, која заврши со размена на остри зборови и без најавеното потпишување на договор за украинските минерали.
Прецизниот опсег и времетраењето на наредбата на американското Министерство за одбрана се недефинирани, бидејќи границата помеѓу офанзивните и одбранбените сајбер операции често е нејасна.
Сепак, одржувањето на пристапот до големите руски мрежи за шпионски цели е од клучно значење за разбирање на намерите на Путин додека тој влегува во преговорите, како и за следење на аргументите во Русија за тоа на кои услови да се инсистира и што може да се напушти, оценува Њујорк Тајмс.
Поранешните функционери истакнале дека е вообичаено цивилните водачи да наредуваат паузи во воените операции за време на чувствителните дипломатски преговори, за да избегнат нивно исфрлање од шините.