
Американските власти денес ги повикаа американските граѓани веднаш да го напуштат Иран поради тековните немири во земјата.
Во соопштението од Виртуелната амбасада на САД во Иран се вели дека протестите низ целата земја се интензивираат и би можеле да станат насилни, што би довело до апсења и повреди.
На американските граѓани им се советува да очекуваат континуирани прекини на интернет, да планираат алтернативни средства за комуникација и, доколку е безбедно, да размислат за напуштање на Иран по копно во Ерменија или Турција.
Доколку напуштањето на земјата не е можно, американските власти ги повикуваат своите граѓани да најдат безбедно место и да се снабдат со храна, вода, лекови и други основни потреби.
Соединетите Американски Држави немаат амбасада или конзулат во Иран, а нивните интереси во земјата ги претставува Швајцарија.
Во понеделник вечерта, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон ги следи протестите во Иран и разгледува различни опции за дејствување.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, подоцна изјави дека Трамп размислува за воена акција против Иран, но дека претпочита дипломатија.
Масовните протести во Иран траат од 28 декември минатата година, а првично беа предизвикани од тешката економска состојба и девалвацијата на националната валута, но набрзо добија политичка димензија.

Македонски




