Skip to main content

Русија соборила девет украински дрона што се обиделе да го нападнат гасоводот „Турски тек“

Русија денеска соопшти дека соборила девет украински беспилотни летала што се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, преку кој рускиот гас тече кон Турција и Европа, пренесуваат британските медиуми.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон компресорска станица во јужна руска област Краснодар, но објектот работи нормално и нема жртви.

Британските медиуми забележуваат дека не може да се потврди точноста на информацијата од независни извори и дека засега Украина не излезе со коментар.

„Турски тек“ и Син тек“, гасоводите што одат по дното на Црното Море и ги поврзуваат Русија и Турција, се последните рути за испорака на руски гас во Европа, откако Украина претходно оваа година одби да го обнови договорот за транзит на гас, што и овозможи на Русија да продолжи транзитирање гас низ нејзината територија и покрај војната.

Во соопштението на руското министерство се наведува дека остатоците од едно од беспилотните летала предизвикале мала штета на зградата и опремата на мерната станица на компресорската станица, но тимовите за итни случаи брзо ги отстраниле.

Трасата на гасоводот започнува од компресорската станица „Рускаја“ во близина на градот Анапа, поминува низ Кајакој, во Турција, и продолжува кон Европа. Компресорските станици долж трасата го стабилизираат притисокот и го контролираат протокот во цевководот.

Поврзани вести