Skip to main content

Тушевска: Со ребалансот средствата се пренасочуваат кон проекти што ќе дадат реален ефект за граѓаните

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

На денешната седница на Комисијата за финансирање и Буџет се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јулија Тушевска која истакна дека со овој ребаланс на Буџетот се врши пренасочување на средствата каде што е најпотребно, односно кон проекти и политики кои ќе дадат реален ефект за граѓаните и економијата.

„Со овој ребаланс се врши пренасочување на средства таму каде што се најпотребни. Средствата не остануваат заробени во позиции кои нема да се реализираат, туку се насочуваат кон проекти и политики што ќе дадат реален ефект за граѓаните и за самата економија. Тоа е суштината на одговорно управување со јавните финансии. Тој е знак дека Владата активно ја следи состојбата, реагира навреме и ја води државата одговорно“, рече Тушевска.

Пратеничката Тушевска истакна дека и покрај глобалните геополитички тензии, растот на цените на енергенсите и неизвесноста на меѓународните пазари, македонската економија покажува отпорност и бележи позитивни економски показатели.

„Светот повторно се соочува со сериозни геополитички тензии, раст на цените на енергенсите и неизвесност на меѓународните пазари. Сето тоа неминовно има влијание и врз нашата економија. Но и покрај тие предизвици, македонската економија покажува отпорност. Во првиот квартал од 2026 година е остварен реален економски раст од 3,1%, градежништвото бележи раст од дури 7,2%, а нискоградбата бележи двоцифрен раст од 24,5%. Просечната нето плата во март е повисока за 8,2%, а странските директни инвестиции достигнуваат 218,6 милиони евра, што претставува раст од речиси 47% во споредба со истиот период од лани“, рече Тушевска и додаде:

„Тоа се показатели дека економијата има потенцијал, но и дека тој потенцијал мора да биде поддржан со паметна фискална политика. Токму затоа со овој ребаланс вкупните приходи се проектирани на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства не се наменети за непродуктивна потрошувачка, напротив, тие се насочуваат кон исполнување на законските обврски, капиталните инвестиции, образованието, социјална заштита и локален развој“.

Поврзани вести