
Во текот на божиќниот видео пренос во живо на официјалниот канал на Белата куќа на Јутјуб, администрацијата на претседателот Доналд Трамп истакна дека Министерството за финансии собрало 235 милијарди долари од царински такси од почетокот на годината. Преносот, придружен со музика и графики, ја прикажуваше „листата на победи на МАГА за 2025 година“, вклучувајќи ги и мерките за миграција и борбата против кризата со фентанил, според извештајот на ДПА.
На екранот се појавуваше и цртана илустрација на Трамп покрај новогодишна елка, читајќи книга, додека текстуални блокови од левата страна ги потенцираа другите наводни достигнувања на неговата администрација.
Сумата од 235 милијарди долари е нешто поголема од претходните податоци објавени од администрацијата. Минатата недела, Царинската и гранична служба на САД соопшти дека собрала малку над 200 милијарди долари во периодот од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари до 15 декември. Сепак, приходите не ги достигнаа проектираните 300 милијарди долари, колку што министерот за финансии, Скот Бесент, очекуваше во јули.
Моментално, Врховниот суд на САД ја испитува правната основа на царините воведени од Трамп. Главното прашање е дали претседателот имал право да воведе такси еднострано, повикувајќи се на Законот за вонредни состојби од 1977 година, без одобрение од Конгресот. Пониските судови претходно ја блокираа оваа политика, по жалбите на американски компании и сојузни држави.
Откако стапи на функција, Трамп воведе царини за производи од повеќе земји, наведувајќи ги како причини проблемите со нелегалната миграција, фентанилската криза и трговскиот дефицит. Доколку Врховниот суд пресуди во корист на компаниите и државите, тоа би можело да доведе до преиспитување на постојните трговски договори.

Македонски






