
Патнички воз излета од шините денес во округот Биберах во германската покраина Баден-Виртемберг, при што загинаа неколку лица, објавува „Билд“.
Бројот на загинати и повредени сè уште не е познат, а службите за итни случаи се на местото на настанот. Во возот имало над 100 лица.
Службите за итни случаи во Ројтлинген интерно ја прогласија ситуацијата за „инцидент со масовни жртви“, што во германскиот систем значи настан со голем број повредени или смртни случаи.
Фотографиите од местото на настанот покажуваат дел од возот превртен на страна, додека покривот на еден вагон е отворен.
Неколку вагони целосно излетале од шините и завршиле меѓу дрвја. Пожарникарите и спасувачите во моментов ги пребаруваат вагоните за патници.
Причината за несреќата сè уште не е позната.